Во компанијата немаат прецизна евиденција за основните средства со кој што располагаат, како што се далноводи, трафостаници
Дури 14 милиони евра побарувања отпишало државното акционерско друштво МЕПСО од фирмите кои што незаконски повлекувале електрична енергија во 2021 година, констатираа државните ревизори во најновиот извештај објавен денеска. Меѓу другите забелешки се наведува и дека дел од овие побарувања се отпишани иако стасуваат за наплата и по донесување на одлуката од страна на УО на компанијата во државна сопственоста.
Инаку од Државниот завод за ревизија изразија неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.
Во врска со упадите во преносниот електроенергетски систем, ДЗР посочува дека во 2021 година, како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија на европските берзи, недоволното производство на електрична енергија од домашните производители и недозволеното преземање на електричната енергија од електропреносниот систем од страна на Балансно одговорните страни (БОС), придонело побарувањата и приходите на АД МЕПСО остварени од трговците на електрична енергија (ЕЕ) – Балансно одговорни страни (БОС), по основ на надомест за отстапувањата/дебаланси за преземената струја од електропреносниот систем во 2021 година да изнесуваат 68,5 милиони евра, што претставува пет пати поголемо остварување во однос на 2020 година, кога истите изнесувале 13,7 милиони евра.
„Имено, во услови на зголемување на цената на електрична енергија дел од трговците континуирано ја намалувале набавката на струја од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на АД МЕПСО за снабдување на своите потрошувачи. Ова предизвикало драстично зголемување на трошоците на АД МЕПСО кон европскиот електропреносен систем. Исклучително големи отстапувања/ дебаланси се направени во октомври 2021 година, поради што од страна на АД МЕПСО фактурирани и наплатени се 77,8 милиони kWh од производителот на ЕЕ – АД ЕСМ Скопје во вкупна вредност од 25 милиони евра без ДДВ. Ова е резултат на тоа што АД ЕСМ Скопје не успеал да ги реализира плановите за производство на електрична енергија поради што е повлечена струја од системот на европската мрежа, со што за АД МЕПСО е создадена обврската кон европскиот електроенергетски преносен систем во иста вредност од 25 милиони евра”, се вели во извештајот.
Дополнителна причина која довела до настанатата состојба е воспоставениот начин на информирање за трговците кои недозволеното презеле електрична енергија од електропреносниот систем, бидејќи податоците кои се добиваат од МЕМО ДООЕЛ, преку Електродистрибуција ДООЕЛ пристигнуваат по 45 до 60 дена задоцнување, поради што АД МЕПСО не е во можност да изврши брза интервенција и навремено преземање на мерки кон трговците.
Згора на ова, со владината уредба од ноември 2021 година трговците биле ослободени од обврската за зголемување на банкарските гаранции по основ на склучените договори за балансна одговорност, а АД МЕПСО потпишал договори за репрограмирање на нивните доспеани, а ненаплатените долгови.
„Во декември 2022 година, побарувањата по основ на склучени договори за репрограмирање за повлечена електрична енергија од електропреносниот систем изнесуваат 883.802.000 денари или над 14 милиони евра, при што во ревизорскиот извештај се укажува дека постои ризик и неизвесност од нивна наплата” , се вели во ревизорскиот извештај.
Во 2021 година, за дел од побарувањата по репрограмирани договори од БОС и за казни и штети поради прекин на испорака на договорената електрична енергија во износ од 15 милиони евра, направено е вредносно усогласување. Во текот на 2022 година, наплатен е дел од побарувањата во износ од 1,2 милиони евра.
Во извештајот исто така се додава дека МЕПСО во периодот од 2019 до 2021 година има склучено договор со АД ТЕЦ Неготино кој се однесува за обезбедување на електрична енергија во случај на загрозување на сигурноста во снабдувањето, хаварии или поголеми отстапувања на потрошувачката на струја од предвидените количини во електроенергетскиот систем. Предвидено е АД ТЕЦ Неготино да ја чува расположливата моќност на термоцентралата само за потребите на АД МЕПСО, Скопје, за кој период се исплатени вкупно 531.998.000 денари со вклучен ДДВ, од кои 219.778.000 денари се исплатени во 2021 година.
Иако финансиски била потпомогната термоцентралата ТЕЦ Неготино, при појавата на енергетската криза во октомври 2021 година, не е извршено нејзино активирање за производство на електрична енергија.
Меѓу другото во извештајот се наведува и дека во компанијата немаат прецизна евиденција за основните средства со кој што располагаат, како што се далноводи, трафостаници итн.
Ревизорите исто така посочуваат дека дадените препораки на Овластениот државен ревизор во извештајот од спроведената ревизија на регуларност за 2016 година кои се однесуваат на ИТ Стратегијата и на воспоставените ИТ контроли на системите во најголем дел не се спроведени што има и понатаму влијание и присуство на високи ризици во ИТ финансиските процеси на работењето на друштвото.
„Преносната мрежа со која управува и ја одржува друштвото интегрира 109 далекуводи. Дел од нив (30 далекуводи) се запишани во Агенцијата за катастар на недвижности и АД МЕПСО располага со имотен лист со право на сопственост, додека за 79 далекуводи, друштвото не располага со имотни листови, а отпочнати се постапки за утврдување на нивниот правен статус”, се вели во извештајот на ДЗР.
Со ревизијата е утврдено дека постои неусогласеност во бројот на далекуводи и трафостаници евидентирани кај надлежните оддели во АД МЕПСО Скопје и со податоците во сметководствената евиденција.
Дополнително, со извршениот увид во имотните листови, ревизорите утврдиле дека за 2 трафостаници запишано е право на залог (хипотека) за износ на побарување од 77 милиони евра на ЕБОР како носител на право (доверител), при што хипотекарен должник е запишана ЕВН АД Македонија, како носител на право (сопственик). Поради не потврдено правото на сопственост на АД МЕПСО, одлуките во кои постои ризик за отуѓување на средствата над кои е воспоставена хипотека, се носат без негова согласност.
„Оваа состојба има влијание на висината на тарифата за пренос на електрична енергија која се утврдува со одлука од страна на РКЕ врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје”, се посочува во извештајот на Државниот завод за ревизија.