„Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“ е насловот на научно-технолошката конференција што ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија во соработка со организацијата „Македонија 2025“.
Форумот ќе го отвори претседателот Стево Пендаровски, а во рамки на конференцијата поздравни обраќања ќе имаат Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“.
Според агендата, на конференцијата ќе се одржан две панел – дискусии на теми „Раст на бизнисите низ инвестиции во научно-технолошкиот развој и иновации – улогата на државата“ и „Поврзување на бизнисите со иновациите и технолошкиот развој преку образованието и образовните политики“.
Панелисти на конференцијата се Регина Самер, директорка за стратешки партнерства и политики при шведски инкубатор и научни паркови, Роберт Доер, претседател на Институтот за претпријатија од САД, Весна Ивановска, генерален директор на Центарот за едукација и развој и програмски менаџер на Сивус Акцелераторот, Владо Димовски, професор на Факултетот за бизнис и економија при Универзитет во Љубљана, Славко Габер, професор по социологија на образование на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Љубљана и поранешен министер за образование, Глигор Бишев, универзитетски професор и член на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка, Александра Наќева Ружин, професорка на Американ колеџ во Скопје и поранешна амбасадорка на Северна Македонија во Шведска и Менди Ќура, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.