Охридската компанија АСП ПАК е коинвеститор во проектот на првата биогасна електрана со најмодерна технологија „Био ентерпрајз“ во Сарамзалино, општина Лозово.

Електраната започна да работи пред неколку месеци, со инсталирана моќност од два мегавати на час и треба да обезбеди струја за 3.500 домаќинства. Електраната, која е инвестиција на македонските компании Централ Инвест/Феро Инвест, АСП-ПАК од Охрид и Агриа груп, започна да се гради во јули 2020 година.

Покрај стабилна електрична енергија, ќе се произведува и топлинска енергија која ќе може да загрева плантажи на шест хектари земјоделско земјиште и ќе произведува 40.000 тони природно земјоделско ѓубриво. Според сопственикот на Централ инвест Кочо Анѓушев, обновливите извори за енергија или енергетската транзиција кон обновливи извори за енергија, е добра само до колку таквите извори за енергија се разноврсни.

– Не може да има енергетска транзиција ако имате само фотоволтаци или само биогасни електрани или само ветерни електрани или само хидроелектрани, бидејќи сите тие произведуваат електрична енергија во различно време од денот, годината итн, во зависност од условите. Единствено биогасната електрана може да произведува 365 дена, 24 часа. Практично комбинација на сите обновливи извори е единствена добра енергетска транзиција, вели Анѓушев.

Инвестицијата, како што посочи, е 12 милиони евра и на годишно ниво ќе произведува околу 17 милиони киловат часови, ќе менува 16.000 тони СО2, односно заштедува емисија од 16.000 тони СО2 или практично заменува 700 илјади дрва во шума коишто треба тоа СО2 да го прочистат.

– Биогасната електрана е најголемиот чистач на органски отпад во општеството. Значи се’ што е органско, и што може да се распадне, во биогасната електрана е гориво, и нус производ од оваа електрана е електрична енергија, чист хумус и течност за полевање на полињата како течност со хранливи материи за земјоделието. Биогасната електрана практично е најдобриот пример за циркуларна економија, она што го слушаме како дефиниција во општеството. Биогасната електрана може да апсорбира отпад органски од сите типови вклучително од житарици, силажа, отпад од свињарски фарми, краварски фарми ,млекарска индустрија, сурутка после правење на млеко, расипано млеко, отпад од винарии, отпад од фирми што произведуваат преработка на градинарски производи, на пример лушпите и семките од пиперите, се што е отпад од органска материја, вклучително и комуналниот отпад до колку тој може да се селектира во општините тој би можел тука да согори, појаснува Анѓушев.