Најсилниот пораст на каматните стапки во последните децении се прелева на пазарот на недвижности.

Цените на становите во еврозоната би можеле „хаотично“ да паднат бидејќи становите стануваат недостапни за граѓаните и непривлечни за инвеститорите поради високите каматни стапки, предупреди во средата Европската централна банка (ЕЦБ).

Тоа е еден од неколкуте ризици истакнати во анализата на ЕЦБ за финансиската стабилност, при што повисоките трошоци за задолжување и побавниот економски раст ги повредуваат бизнисите и домаќинствата.

Од јули минатата година, ЕЦБ се обидува да ја заузда инфлацијата со зголемување на каматните стапки, а се чини дека ќе опстои на строга монетарна политика и во наредните месеци, забележува Ројтерс.

Најсилниот пораст на каматните стапки во последните неколку децении сега почнува да се чувствува на пазарот на недвижности, кој бележи бум во текот на децениите на прифатливи и достапни кредити.

„Гледајќи напред, падот на цените на (имотот) би можел да стане хаотичен бидејќи зголемувањето на каматните стапки на новите хипотекарни заеми се повеќе ја загрозува нивната достапност и го зголемува товарот на каматите на постоечките хипотекарни заеми“, предупреди ЕЦБ.

Ова особено важи за земјите каде што преовладуваат хипотекарните кредити со променлива каматна стапка, посочуваат од банката, без да прецизираат кои. Податоци на ЕЦБ дека уделот на хипотекарните заеми со променлива стапка е најголем во Португалија, Шпанија и балтичките земји, забележува Ројтерс.

ЕЦБ, исто така, предупреди дека регионите каде што институционалните инвеститори заземале големи позиции на пазарот на станбен имот би можеле да добијат поголем удар доколку капиталот се повлече.

Ова ги вклучува Берлин, делови од западна Германија и група главни градови како Париз, Мадрид, Лисабон и Даблин. ЕЦБ посочува дека домаќинствата имаат корист од силниот пазар на труд, така што помалку граѓани најверојатно ќе имаат проблеми со отплата на заемите поради губење на работни места, покажува анализата.