Вкупните придонеси во Црна Гора се 21,5 проценти од бруто-платата, во Албанија 27,9, во Македонија 28, во Србија 35,1, а во Федерација Босна и Херцеговина 39,5 проценти.
Даночните експерти велат дека давачките за придонеси што се плаќаат во нашата држава се најмали во однос на регионот. Стопанствениците, пак, во битката за задржување работници бараат да се намалат придонесите, со што би им се овозможило да даваат поголеми плати.
Според нашата регулатива, стапките за оваа година се: придонес за пензиско осигурување од 18,8 проценти, придонес за здравствено осигурување од 7,5, осигурување во случај на невработеност од 1,2 проценти и дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај повреда или професионално заболување од 0,5 проценти, или вкупно 28 проценти од бруто-плата. Но, во однос на нето-платата, процентот што го преставува вкупниот износ на придонеси е многу поголем. Затоа, од Стопанската комора на Северозападна Македонија на конференцијата посветена на привлекување на работната сила, упатија барање до Владата за намалување на придонесите од 47,5 проценти на 32 проценти.
Бранимир Јовановиќ, економист во Виенскиот институт за меѓународни студии, вели дека стопанствениците постојано ги прикажуваат давачките како многу високи, но дека тоа е неоправдано. Тој не е против намалување на придонесите за најниските плати, но ако се исполнат два услова.
– Како прво, придонесите не се 47,5 проценти, туку 28 проценти од бруто-платата, ама бизнисмените секогаш сакаат да прикажат дека давачките кај нас се превисоки, иако објективно гледано, се меѓу најниските во Европа. Во суштина, не сум против идејата да се намалат придонесите за работниците со пониски плати, ама само под два услова. Првиот е да се осигури дека тие пари ќе завршат кај работниците, така што ќе се предвиди законски дека разликата во придонесите мора да им се исплати ним и ќе се предвидат строги казни за фирмите што ќе злоупотребат. Вториот услов е паралелно со намалувањето на придонесите за ниските плати, да се зголемат и придонесите за високите плати за да не дојде до намалување на буџетските приходи. Да се направи пресметка колку ќе чини намалувањето на придонесите и тие пари да се обезбедат преку повисоки придонеси за оние до највисоки плати во државата – изјави за „Слободен печат“, Јовановиќ.
И Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници, вели дека кај нас давачките не се високи. Тој вели сега во многу земји дури се актуализира дополнително плаќање придонеси и од страна на работодавачите, а не само како дел од бруто-плата.
– Кога се плаќаат придонеси од бруто-плата, тоа го прави фирмата во име и за сметка на работникот. Но, сега има тренд на плаќање придонеси и од страна на работодавачите. И во овој случај станува збор за процент од бруто-плата, но тој не на товар на работникот, туку е на товар на трошоците на работодавачот – објасни за „Слободен печат“ Гацов.
Агенцијата за економско-правна поддршка „Про агенс“, чиј сопственик е Гацов, направи компаративна анализа на придонесите во регионот. Податоците покажуваат дека дополнителен процент за здравство плаќаат работодавачите во Албанија (1,7 проценти), Босна и Херцеговина (12,5 проценти), Србија (5,2 проценти) и во Црна Гора (0,5 проценти). За пензиски фонд, пак, дополнително плаќаат работодавачи од Албанија (15 проценти), Косово (5 проценти), Федерација БиХ (17 проценти), Србија (14 проценти) и Црна Гора (15 проценти).
Компаративната анализа покажа дека вкупните придонеси во Косово се 10 проценти, во Црна Гора се 21,5 проценти од бруто платата, во Албанија 27,9, во Македонија 28, во Србија 35,1, а во Федерација Босна и Херцеговина 39,5 проценти.