Со програмата за рибарство и годинава ќе се субвенционира производството на риба и инвестициите во порибувањето на езерата и реките. Финансиската поддршка за рибниците во 2023 година ќе биде 35,2 милиони денари…

За оваа година субвенциите од програмата се наменети за инвестиции во аквакултурата, за проширување, реконструкција и модернизација на постоечките и изградба на нови капацитети, како и за објекти за преработка на рибите и за нивно складирање и пакување.

За инвестиции во аквакултурата се предвидени средства во вкупен износ од 5,2 милиони, а за порибителен материјал 27 милиони денари. Со овие пари може да се набават кафези за одгледување на риба, опрема за чување на храната, опрема за сортирање, чамец и друга потребна опрема.

Вкупната вредност на исплатени финансиски средства за инвестиции во аквакултурата не може да го надмине износот од 720.000 денари.

Средствата се исплаќаат по принцип на ко-финансирање на 50 проценти од реализираните инвестиции кои можат да се зголемат до 65 отсто доколку се работи млади земјоделци и стопанства кои се наоѓа во ридско-планинските подрачја.

Исплатата на средствата ќе се реализира врз основа на одобрени барања за исплата по објавен јавен повик од платежната Агенцијата. Финансиските средства ќе се исплаќаат авансно, до 40 проценти од вкупната вредност на одобрениот износ.

Аквакултурата претставува одгледување, репродукција и исхрана на риби во рибници, полурибници, кафези, оризиште и други одгледувалишта на риба.