Италијанскиот производител на автомобили Fiat го стави својот генерален извршен директор Оливие Франсоа пред камера за нов рекламен спот снимен во живописното гратче Леричи, при што шефот на компанијата објаснува колку „досадната“ сива боја е омилена меѓу разните производители на автомобили.

Одбивајќи да ги прифати навиките на француските, германските или јапонските брендови, тој вели дека Fiat ќе ја црпи својата инспирација од бојата, љубовта и страста на италијанската максима “La dolce vita” („слаткиот живот“). На светот не му треба уште еден сив автомобил, порачува тој.

А, за да ја илустрира својата поента и да го претстави новиот модел Fiat 600e, директорот дава наредба да се потопи едно од монохроматските возила на Fiat во огромен резервоар со светло портокалова боја – и тоа додека тој се наоѓа во внатрешноста на автомобилот!

Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Leo Burnett Italia и продукциското студио Twister Film.