Државниот завод за статистика објави охрабрувачки податоци за нивото на инфлацијата во земјата, коe се спушти на 9,3 отсто во јуни 2023 година, забележувајќи скоро 10 процентни поени пад во однос на октомври 2022 година, кога изнесуваше 19,8 отсто, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

„Ваквите податоци укажуваат дека мерките што ги презема Владата го даваат очекуваното и инфлацијата од октомври 2022 година се движи во континуитет во надолна линија. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2 отсто.  Намалувањето на инфлацијата е позитивен фактор за севкупната македонска економија“, нагласува Ковачевски.