Југобанка АД Београд, во стечај, иницирала извршување за наплата на побарувања од Институтот „Д-р Симо Милошевиќ“ во Игало, а извршното решение било испратено до Централната банка на Црна Гора, а сметката можела да биде блокирана во секој момент во сума од околу седум и пол милиони евра, јавува денеска ТВ Херцег Нови.

На ова решение Институтот поднесе жалба, но тоа не го одлага извршувањето. Стопанскиот суд во Подгорица во 2021 година ја призна одлуката на белградскиот суд со која Институтот Игало се обврзува на стечајната Југобанка да и исплати 3,67 милиони евра долг за заем од пред три децении, што го потврди и Апелациониот суд. Кога на таа сума ќе се додадат каматите и парничните трошоци, долгот на Институтот достигна 7,5 милиони евра.

Долгот на Институтот Игало се однесува на кредити од 1981 и 1987 година, а судските постапки се во тек од 1994 година. Стопанскиот суд во Белград пресуди во корист на банката во јуни 2018 година, што беше потврдено од Апелациониот суд една година подоцна. Во овој спор Правобранителот поднел ревизија до Врховниот касационен суд, но и таа била одбиена. Пресудите на белградските судови ги потврдија и Стопанскиот и Апелациониот суд во Црна Гора.