Првичните проценки се дека  буџетот, со ребалансот, треба да се коригира за околу 100 милиони евра. Министерот за финансии Фатмир Бесими во неколку свои колумни укажа дека растот на платите во јавниот и во приватниот сектор ќе донесе, придружено, раст на продуктивноста и на бруто домашниот производ. Тоа, според него, го оправдува и ребалансот на буџетот. Според анализите, парите се неопходни за околу 130 илјади вработени во јавниот сектор, кои добија  10 отсто поголеми плати, но и за исплата на регресот за годишен одмор, кој годинава ќе изнесува 10.000 денари. Пари требаат и за 78 отсто зголемените плати на околу 1.200 функционери

Во Министерството за финансии се крчка ребалансот на буџетот, кој е најавен за септември. Како што велат од ресорното Министерство, се анализира детално, оти треба да се обезбедат средства за повисоките плати на вработените во јавниот сектор, што уследи по потпишувањето на општиот колективен договор.

Според анализите, околу 130 илјади вработени во јавниот сектор треба да добијат за 10 отсто поголеми плати, како и исплата на регресот за годишен одмор, кој годинава ќе изнесува 10.000 денари, а од следната година е предвидена исплата во износ од 30 отсто од просечната нето-плата. Пари требаат и за 78 отсто зголемените плати на околу 1.200 функционери. Првичните проценки се дека  буџетот, со ребалансот, треба да се коригира за околу 100 милиони евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во неколку свои колумни укажа дека растот на платите во јавниот  и во приватниот сектор ќе донеси, придружено, раст на продуктивноста и на бруто домашниот производ. Тоа, според него, го оправдува и ребалансот на буџетот.

– Јавниот сектор, особено државната администрација, може и треба да биде важен чинител во промените за економски развој. Јавниот сектор е служител на приватниот сектор и негова должност е да обезбеди услови за развој и конкурентност на приватниот сектор. Оттаму, покрај систем на достојно вреднување на јавните работници, неопходно е да се направи оптимизација. Тоа би значело функционална анализа за оптимално искористување на капацитетите и унапредување на квалитетот на услугите што ги нуди јавниот сектор. Рационализацијата нема да значи отпуштања на вработените, туку добро поставена програма со поволни и атрактивни мерки за трансфер на вработените во приватниот сектор, каде што веќе се чувствува потребата на пазарот на трудот за поголем број работна сила, која, пак, од друга страна, влијае врз конкурентноста и растот на економијата – објасни Бесими.

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве, во интервјуто за МИА, потврди дека овие средства  што се за платите, предвидено е да се покријат со ребалансот на буџетот.

– Откако ќе бидат завршени анализите, ребалансот ќе биде финализиран и претставен пред јавноста – посочува Ковачевски.

Ковачевски посочува дека во периодот 2011-2017, нето-платата се зголемила за 9,2 отсто, додека во периодот од 2017-2023, се зголемила за 59,3 отсто.

– Ако ги споредиме овие бројки од аспект и на растот на инфлацијата во овие два временски периода, односно ако увидиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес се има драматично подобрено. Кумулативно, инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7 отсто, а растот на нето-платата 9,2 отсто, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5 проценти. Во периодот, па,к од мај 2017 година до мај 2023, во периодот на пандемија, како и на голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија, кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1 отсто, Во истиот период, растот на просечната плата изнесуваше 59,3 отсто – појаснува за МИА Ковачевски. 

Буџетот за 2023 година беше историски најголем досега – 324,8 милијарди денари, приходите беа планирани на ниво од 282,1 милијарда денари, што е за 14,8% повисоко од 2022 година, притоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари и тој ќе се финансира од домашни и од надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9%, а инфлацијата 7,1%.

Министерот за финансии Бесими, во експозето што го даде кога се усвојуваше буџетската каса за 2023 година, кажа дека таа е реална, дека ги лоцира приоритетите и соодветно ги алоцира средствата на граѓаните и на фирмите. Бесими нагласи дека буџетот треба да обезбеди заштита на стандардот на граѓаните, но во реалноста се покажало дека требало да се одвојат повеќе средства за платите.