Пучот во Нигер е загрижувачки за светот, не само затоа што го собори првиот демократски претседател во земја која е нестабилна и сиромашна, туку и поради природните ресурси на Нигер од кои зависат многумина.

Нигер е еден од најголемите светски производители на ураниум и главен извозник на нафта. Тоа значи дека освен безбедносниот фактор и нова потенцијална војна, пучот ќе има и други опипливи последици.

Пучот, седми во Западна и Централна Африка за три години, го потресе регионот Сахел, еден од најсиромашните во светот. Со оглед на неговото богатство со ураниум и нафта и неговата клучна улога во војната со исламистичките милитанти, Нигер е од големо значење за САД, Европа, Кина и Русија.

Базум, кој е во домашен притвор, тврди дека е заложник и ја повика меѓународната заедница да помогне во „враќањето на уставниот поредок“.

Базум беше демократски избран пред две години и на Запад се смета за клучен сојузник во борбата против исламистичките екстремисти во регионот.

Воената закана на блокот предизвика страв од понатамошен конфликт во регион кој веќе се бори со смртоносниот исламистички бунт, кој уби илјадници и принуди милиони да избегаат.

Секоја воена интервенција би можела да биде комплицирана бидејќи хунтите во Мали и Буркина Фасо ветија дека ќе го одбранат Нигер доколку е потребно, велејќи дека секоја воена интервенција против новите воени владетели на Нигер ќе се смета за „објавување војна“.

Богатството на Нигер
Нигер е, инаку, сиромашна и нестабилна земја, но има многу богатства. Според некои проценки, повеќе од десет милиони луѓе во Нигер живеат во екстремна сиромаштија, а мал степен на закрепнување ќе се случи во 2022 година.

Сето ова сега е загрозено кога беше извршен пучот, што доведе до дополнителна нестабилност во земјата и регионот.

Имено, Нигер е еден од најголемите производители на ураниум во светот. Дополнително, податоците покажуваат дека дневно пумпа околу 20.000 барели нафта, а има и рудници за злато.

Иако во моментов се вади одредено количество нафта, се претпоставува дека Нигер има околу една милијарда барели резерви на сурова нафта, што може да доведе до сериозни приходи за земјата, но пучот се закани на сѐ.

Експертите веруваат и сериозно предупредуваат дека овој удар може да ги наруши плановите на Нигер да стане најголем регионален производител на нафта.

А потоа тука е и ураниумот.

Во 2022 година Нигер произведе 2.020 тони ураниум, нешто повеќе од четири отсто од светското производство, што значи дека оваа земја е водечки извозник на ураниум во Европската унија.

Според Светската банка, Нигер извезува најмногу ураниум и злато, а оваа земја е седми по големина производител на ураниум во светот.

Според Агенцијата за снабдување Евроатом, комуналните претпријатија на ЕУ купиле 2.905 тони ураниум произведен во Нигер во 2021 година. Ова претставува нешто повеќе од 24 отсто од увозот на ураниум во ЕУ, што го става Нигер малку пред Казахстан како водечки извор на ураниум во ЕУ.

Француските медиуми јавуваат дека Нигер испорачува 15 до 17 отсто од ураниумот што се користи за производство на електрична енергија во Франција. Ураниумот од Нигер обезбедува 50 отсто од нуклеарните централи во Франција кои произведуваат електрична енергија.