Низа неповолни вести ги затекнаа инвеститорите на западните пазари на капитал. Во Европа негативно се одрази најавата за данок на дополнителната добивка на италијанските банки, а во САД „Мудис“ предупреди дека може да се намали рејтингот на шест американски банки.

Италијанската влада неочекувано воведе данок од 40 отсто на вишокот на банкарски профит минатата и оваа година поради повисоките каматни стапки на ЕЦБ, но данокот нема да надмине 0,1 отсто од имотот на секоја банка. Собраниот данок е наменет за растеретување на населението кое беше под притисок на високата инфлација и камати. Не е тајна дека европските банки лесно заработуваа на основа на значително повисока каматна маржа, откако добиваа повисоки стапки од ЕЦБ за вишокот на ликвидност (сега 3,75 отсто), а на населението му плаќаат претежно милостина на депозитите.

Централниот индекс на берзата во Милано во вторникот се лизна за два отсто, а најголеми губитници секако беа банкарските акции. Уделот на Уникредит (UniCredit), која годинава бележи убав раст, падна за шест отсто, Интеса Саопаоло (Intesa Sanpaolo) за повеќе од 8 отсто. На удар беше и банкарскиот сектор низ Европа, а акциите на Комерцбанк паднаа за 3,2 отсто. Секако, не е исклучено и друга европска земја да го следи италијанскиот пример.

На Волстрит, банкарските акции исто така значително паднаа во вторникот, но од друга причина. „Мудис“ најави дека детално ќе ја испита кредитната способност на шест големи банки (Bank of New York Mellon, State Street, Northern Trust…) и евентуално ќе ги намали рејтинзите.

Знаеме што се случи со средните банки оваа пролет (три пропаднаа: Банката на Силиконската долина, Сигначр банк и Фрст рипаблик), така што „Мудис“ ги исплаши инвеститорите. Понискиот кредитен рејтинг уште повеќе ќе им го отежне на банките пристапот до изворите на финансирање. Индексот на акциите на банките (KBW Bank Index) загуби 1,2 отсто и го повлече целиот пазар надолу. Секоја дополнителна несигурност поврзана со банките е секако непожелна.

Најголеми загуби во вторникот имаше технолошкиот индекс Насдак (-0,8 отсто), додека Дау Џонс и СиП 500 паднаа за помалку од половина отсто. Следниот важен тест доаѓа во четврток, кога ќе биде објавена јулската инфлација во САД.

Некои стратези се сè повнимателни. Во Кредит Свис, ставот за вложувања во капитал е сè понегативен, исто така затоа што е многу веројатна рецесија следната година. Од Банката на Америка доаѓаат предупредувања дека веќе се случува она што тие го нарекуваат тактичка корекција. ЈП Морган (JPMorgan) препорачува инвеститорите да ја намалат својата изложеност на капитални инвестиции, истакнувајќи дека инвеститорите веројатно се премногу оптимисти за состојбата на американската економија.

Во меѓувреме, сезоната на квартални приходи полека завршува во САД. Дури четири петини од компаниите од индексот СиП 500 ги надминаа очекувањата, а и покрај се, добивката повторно ќе биде помала (од споредливиот период пред една година) за околу четири отсто.