Полјаците ќе одржат референдум за да одлучат дали ја поддржуваат приватизацијата на државните компании, а првиот од серијата референдуми најверојатно ќе се одржи истиот ден со парламентарните избори, најави во петокот лидерот на полската владејачка партија.

Владејачката партија Право и справедливост (PiS) претходно соопшти дека ќе одржи референдум за договорот на Европската унија за миграциите, што некои аналитичари веднаш го протолкуваа како обид да го мобилизира својот основен електорат пред изборите на 15-ти октомври, кои многумина ги сметаат за најважните избори во Полска од падот на комунизмот во 1989 година.

„За нас гласот на обичните Полјаци е секогаш клучен. Гласот на странските политичари, вклучително и на германските, не е важен“, порача челникот на PiS, Јарослав Качински додавајќи дека првото референдумско прашање ќе биде: „Дали ја поддржувате продажбата на државните претпријатија?“

Од PiS тврди дека главната опозициска и либерална партија Граѓанска платформа (PО), предводена од поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, е подредена на странските интереси, особено на германските.

„Германците сакаат да го инсталираат Туск во Полска за да го распродадат заедничката сопственост, неговата заднина директно го покажува тоа“, рече Качински.

Во PО ги отфрлаат ваквите критики и ја обвинуваат владејачката партија дека на добро платените позиции во државните компании поставува луѓе како начин да ги награди за нивната поддршка.

„Ако PiS сака референдум за државните компании, тогаш Качински треба да ги праша Полјаците дали тие го поддржуваат непотизмот, кронизмот и кражбата што во моментов се случува“, одговори пратеникот на PО, Марцин Киервински.