Од почетокот на Проектот „Купи куќа, купи стан“ до денеска ЕУРИБОР се зголемил за 2,1 процентни поени, со што се зголемија каматите поврзани со оваа референтна стапка и поскапеа отплатите на ратите

Пред една година заврши 11-годишниот проект „Купи куќа, купи стан“, но отплатите на ратите се во полн ек и оние што влегле во периодот на отплата со флексибилна камата, мора да издвојат повеќе пари од пресметките што се правеле кога го земале кредитот.

Со растот на инфлацијата се зголеми е референтната каматна стапка ЕУРИБОР, која е дел од пресметките на флексибилните камати, со што нивните стапки се зголемија и поскапеа отплатите на станбените кредити. Од Министерството за финансии велат дека од почетокот на проектот „Купи куќа, купи стан“ до денеска ЕУРИБОР се зголемил за 2,1 процентни поени.

– Во Законот за субвенционирање на станбен кредит се утврдени каматните стапки за моделите кај кои се субвенционира дел од учеството и дел од месечниот ануитет. Притоа за опцијата субвенционирање на учество, каматната стапка не може да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 процентни поени на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот. Инаку, на денот на донесувањето на Законот за субвенционирање станбен кредит („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158 од 15.11.2011 година) шестмесечниот ЕУРИБОР изнесуваше 1,8%, додека на 15.7.2023 година во согласност со усогласувањата направени од деловните банки, шестмесечниот ЕУРИБОР изнесува 3,9 проценти – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за финансии.

Оттаму велат дека во периодот од 2012 до 2022 година се одобрени вкупно 2.048 барања за субвенциониран станбен кредит. Притоа од вкупно одобрените барања, 1.520 се за моделот „субвенција на ратата“, додека 528 се за моделот „субвенција на учеството“. Според намената, 707 барања се за купување нов стан, а 341 барање е за изградба или купување нова куќа, односно доградба или надградба на куќа.

Врз основа на одлука на Владата, Министерството за финансии во текот на 2022 година го објави последниот јавен повик за субвенционирање станбен кредит во рамките на проектот „Купи куќа, купи стан“.

– Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализираше единаесет години по ред и целта на Законот за субвенционирање на станбен кредит е постигната, односно им се помогна на граѓаните, особено на младите лица и брачни парови да го решат сопственото станбено прашање преку овозможување пристап до кредити со субвенционирање на дел од учеството или дел од месечната рата. Проектот имаше значајно влијание на подобрување на условите за станбено кредитирање од страна на комерцијалните банки за младите лица и брачните парови – одговорија од Министерството за финансии на нашето прашање: Дали се планира продолжување на проектот?

Во рамки на проектот се одобрени над 2.048 барања при што одобрената субвенција изнесува над 18 милиони евра, од кои досега се исплатени 14 милиони евра.