Уште 210 милиони денари, или нешто помалку од 3,5 милиони евра, префрлени на „Бехтел и Енка“, пишува Фактор. Ова е четврта трансакција за потребите на проектот и досега веќе се „испорачани“ безмалку 180 милиони евра за американско-турската градежна компанија.

Инаку, вчера во Гостивар беше организиран „Саем за вработување“, а неколку дена претходно се појави информацијата дека за потребите на проектот ќе се гради голем работен камп за вработените.
Инаку, првиот камп за работниците треба да биде лоциран на излезот од Гостивар кон Кичево, од левата страна покрај Вардар. Наскоро ќе има повик и за изградба на вториот камп кој ќе биде за потребите на делницата од Прилеп до Битола, но тој ќе биде двојно помал од гостиварскиот.

Изградбата на кампот кај Гостивар, практично стана актуелна откако компанијата „Брако“ соопшти дека дала понуда за набавка на 104 објекти од монтажен, префабрикуван и контејнерски модуларен систем за групно домување, работни простории и други објекти за потребите на работниот камп, како и за сите потребни елементи: греење, ладење, опрема и мебел, противпожарен алармен систем, ИТ систем, внатрешни инсталации, водовод, канализација, електро инсталации и опрема, системи на вентилација итн., како и транспорт на добрата до локација.

Кампот ќе се протега на површина од над 300 илјади метри квадратни и неговата изградба треба да почне во септември, откако Општина Гостивар треба да ги даде потребните дозволи и откако ќе се решат имотно-правните работи. Изградбата на кампот се очекува да трае неколку месеци. Практично тоа ќе биде „град во мало“ со сите неопходни објекти за сместување и одмор на ангажираните работници.