Најновиот извештај на здружението на јапонски производители на автомобили покажа дека извозот на автомобили од островската држава во првото полугодие се зголемил за 17 проценти. За шест месеци од Јапонија се извезени 2,02 милиони автомобили.

Уште поголем раст во извозот на автомобили од земјата пријави Кина. Во првите шест месеци од годината, кинеските производители на автомобили испратиле 2,34 милиони автомобили надвор од границите на земјата. Тоа е раст од дури 77 проценти во споредба со првото полугодие лани.

Вредноста на автомобилите што Кина ги извезла за половина година пораснала за 110 проценти и достигна 46,4 милијарди долари. Тоа се податоците што ги објави Царината.

Големиот подем во извозот на возила од Кина доаѓа од високата побарувачка за електрични возила од странските пазари, вклучувајќи батериски електрични автомобили и приклучни хибридни автомобили.

Кај електричните автомобили, извозот во првото полугодие пораснал за 160 проценти. Станува збор за 534.000 извезени автомобили со електричен или хибриден погон.

Во 2022 година, со извоз на автомобили зголeмен за 54 проценти и вкупно 3,1 милиони автомобили испорачани за извозните пазари, Кина ја престигна Германија како втора најголема извозничка на автомобили во светски рамки.