Граѓаните и оваа грејна сезона ќе се соочат со огромен недостиг на огревно дрво, а тоа го потврдуваат и бројките од официјалниот извештај за работењето на ЈП „Македонски шуми“, вели Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

Нè чека, додава тој, тешка зима со СДС и Љупчо Николовски.

Извештајот, според него, го потврдуваат недомаќинското и неодговорно работење на менаџментот. Бројките се загрижувачки и фрапантни во споредба со бројките од минатата година, која што исто така беше тешка со снабдување огревно дрво.

„За само 7 месеци, годинава значително е намалено производството и снабдувањето на населението со огревно дрво. Односно, во споредба со лани, сечата на огревно дрво е намалена за 30.765 кубни метри намалување има и во продажбата на огревно дрво за 42.528 кубни метри, а планот за сеча на огревно дрво е реализиран, односно е на минимални 57 проценти, а од складиштата на „Македонски шуми“ се продадени само минимални 26.925 кубни метри дрва.

Извештајот покажува дека преостанатото е купено од приватни препродавачи и фирми, кои добиваат тендери за сеча од јавното претпријатие и ги продаваат по двојна цена или ако во „Македонски шуми“ цената за кубен метар даб и бука е 2.500 денари, во приватните складишта таа се движи од 5 до 6 илјади денари за кубен метар, односно двојно поскапо.

Неспособноста на власта, министерот Николовски и на Ковачевски на крајот ја плаќаат граѓаните на Република Македонија. До толку се неспособни што не може да обезбедат да има огревно дрво во сите подружници на „Македонски шуми“, а не да ги снабдат граѓаните, кои навистина имаат потреба“, истакнува тој.

Од ова, како што напоменува, може да се заклучи дека нè очекува исклучително тешка зима за оние што се греат на дрва, а Николовски е тотално незаинтересиран што се случува во „Македонски шуми“, единствено го интересираат личните интереси, тендерите и бизнисите.

„Со власта на СДС и Николовски како министер граѓаните не може да бидат сигурни во ништо“, дециден е Трипуновски.