Трошоците за онлајн (e-commerce) трансакциите во нашата земја се едни од најниските во светски рамки, имајќи во предвид дека просечните трошоци во одредени региони во светот се повисоки, велат од Македонската банкарска асоцијација (МБА). Тоа лесно се проверува со едноставно пребарување на интернет, посочуваат од МБА.

Асоцијацијата на банкарите појаснуваат дека ова го наведуваат како реакција на информациите во медиумите за висината и начинот на пресметување на надоместоци за прифаќање на банкарски картички.

Од МБА посочуваат дека онлајн (e-commerce) трговијата во нашата држава се извршува доминантно (повеќе од 95 отсто) преку меѓународните платежни компании Visa/MasterCard, при што висината на надоместоците зависи од повеќе параметри, како што се трошоците што банките ги имаат кон овие меѓународни компании, кон процесинг центрите што се користат, инвестициите во инфраструктура и безбедност на плаќањата, заменските надоместоци и слично.

„Но, најважно од се е тоа што компаративно, трошоците за онлајн (e-commerce) трансакциите во нашата земја се едни од најниските во светски рамки, имајќи во предвид дека просечните трошоци во одредени региони во светот се повисоки, што лесно се проверува со едноставно пребарување на интернет. Освен различните надоместоци по дејности и типови на картички дефинирани од страна на давателите на лиценците(Visa/MasterCard) и релевантната регулатива, неопходно е да се истакне дека секоја дејност и секој трговец има специфичен микс на трансакции што води кон соодветно тарифирање, адекватно на трошоците за извршување на овие трансакции (идентично како и во секоја друга дејност во која пазарно се одредуваат цените на производите/услугите)“, објаснуваат од МБА.