Најдобро стојат: Министерството за економија кое од расположливите 5,1 милион евра, за јавни инвестиции потрошило 73%, Министерството за транспорт реализирало 61,3% од планираните 305,5 милиони евра а Министерството за култура е со остварување од околу 40%.

Најавите за „бум“ на јавните инвестиции останаа само на хартија, како буџетска неостварена проекција. Со ребаланс на Буџетот се кратат 300 милиони евра од капиталните расходи. Иако беше најавена агресивна политика за јавни инвестиции, полугодишните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека има институции кои имаа нула реализација, а најголем дел од министерствата не успеале да остварат ниту една третина од планираните капитални расходи во период од шест месеци, пишува Порталб.мк.

Министерствата имаа различен степен на реализација на јавните инвестиции. За шест месеци голем дел не успеале да остварат барем една третина од планираните, а на една рака се бројат оние кои надминале 50% реализација.

Од ресорите кои располагаат со милионски износи за капитални инвестиции, со најниско ниво на остварување се: Министерството за одбрана кое од расположливите скоро 102 милиони евра во првата половина од годината потрошило близу 22%, Министерството за внатрешни работи од 14,5 милиони евра за капитални расходи реализирало 22,7%, Министерството за земјоделство од 15,5 милиони евра за инвестиции потрошило 22,4%, Министерството за надворешни работи од планираните 521 000 евра реализирало само 12,07%, Министерството за финансии од скоро 10 милиони евра за шест месеци потрошило 20,7% а Министерството за финансии – функции на држава од 55,3 милиони евра реализирало 53,2%. Министерството за труд и социјална политика реализирало 32,2% а Министерството за образование од скоро 30 милиони евра за капитални расходи потрошило близу 27%.

Министерството за животна средина има реализација од само 12% од планираните 20,6 милиони евра, Министерството за здравство од вкупниот буџет за инвестиции во износ од 9,5 милиони евра потрошило 30% а МИОА од расположливите 2,5 милиони евра за шест месеци реализирало 23,4%. Министерството за политички систем од планираните 36 500 евра потрошило 34,5%, Министерството за правда реализирало 3,08% а Министерството за локална самоуправа од капиталните инвестиции во износ од 60 000 евра реализирало 27%.