Нова еврообврзница до крајот на годината нема да се издава, а со ново задолжување во Светска банка ќе бидат достапни средства за значајни проекти, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за издавањето на последната еврообврзница.

Тој појасни дека задолжувањето на домашниот и меѓународниот пазар на државата е регулирано со Стратегијата за јавен долг којашто се одобрува во Собранието кога се одобрува и буџетот.

„Еврообврзница издадовме на почетокот на годината, на крајот од првиот квартал и се искористи за раздолжување на еврообврзница која беше земена во 2016 година. Таа беше искористена за плаќање на сите оние стиропори кои се распаѓаат, палми во Вардар, статуи на мостовите кои ги плаќаа под два-три милиони евра. Така што, таа веќе ја раздолживме. Нова еврообврзница нема да се издава до крајот на годината, а задолжувањето ќе биде согласно со Стратегијата за јавен долг, било тоа да е со државни обврзници или проектно финансирање“, рече премиерот Ковачевски.

Тој најави дека следната недела ќе патува за Соединетите Држави на состанок во Светска банка на високо ниво за добивање средства за финансирање на проекти во земјава.

„Преговорите се финализирани и по состанокот оттаму очекувам добри вести во однос на процедурите кои ќе отпочнат. Со ова на Северна Македонија ќе ѝ бидат достапни средства, чиј износ во оваа прилика не сакал да ги кажам, но ќе биде навистина значаен. Со тие средства ќе се работат проекти на државно но и локално ниво“, рече премиерот Ковачевски.

На 6 март Македонија се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто. Рокот на отплата е четири години.