Доналд Трамп испадна од листата на Форбс на 400 најбогати луѓе во САД, објави магазинот, додека во Њујорк продолжува судењето на поранешниот претседател за бизнис измами.

„Доналд Трамп повеќе не е доволно богат за најексклузивниот клуб во земјата“, објави Форбс.

„Со проценето богатство од 2,6 милијарди долари, тој е 300 милиони долари под листата на Форбс на 400 најбогати Американци“, велат тие. Според Форбс, падот на нето вредноста на Трамп од 600 милиони долари во голема мера се должи на проблемите и падот на вредноста на Truth Social, платформата за социјални медиуми што тој ја формираше откако беше исфрлен од Твитер и Фејсбук поради нападите на неговите поддржувачи врз Конгресот.

Портфолиото на Трамп со недвижнини, на кое го изгради своето име пред да влезе во политиката во 2015 година, исто така доби удар. Форбс истакнува дека има светла точка во портфолиото на Трамп, а тоа е неговиот бизнис со терените за голф, кој се опорави по падот за време на престојот на Трамп во Белата куќа, пишува Гардијан.

Сепак, проценките на терените за голф се еден од фокусите на судењето за измама на Трамп во Њујорк, каде што судијата веќе заклучи дека Трамп „јасно (направил) лажни проценки што обвинетите ги користеле во бизнисот“.

77-годишниот Трамп веќе испадна неколку пати од листата на Форбс на 400 најбогати луѓе во САД.

Првиот пат беше во 1990 година, кога неговата империја за недвижнини беше во неволја. Тој повторно падна од списокот во 2021 година, по завршувањето на претседателскиот мандат и среде пандемијата Ковид. Тој се врати на списокот минатата година.

„Не се сомневајте. Трамп е исклучително богат“, објави Форбс по тој повод.