Владата жртвувала проекти од најмалку 170 милиони евра за да покрие расходи од енергетската криза во минатата година, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Најголемиот дел од парите се дадени на АД Електрани, наместо за реновирање на клиники, набавка на медицинска опрема, опрема за училиштата, изградба на детски градинки, студентски домови и патишта.
Ова покажува дека растечките трошоци се платени на сметка на граѓаните, дополнително и поради фактот што владата обезбеди 378 милиони евра поддршка за АД ЕСМ, плус 50 милиони евра за плаќање на сметките за струја за државни институции.Кога кон овој износ ќе се додадат и 50 милиони евра капитални проекти кои требало да се реализираат од општините, се доаѓа до бројка од 220 милиони евра средства за кои се оштетени граѓаните, а кои требало да придонесат кон подобрување на нивниот квалитет на живот.Енергетската криза неповолно влијаела и врз задолжувањето, па задолженоста на сите институции е зголемена за 30 проценти и изнесува 800 милиони евра.
Македонија е и држава која премалку собира пари во однос на тоа колку троши.
Државниот ревизор укажува дека не треба секогаш се да се гледа низ призмата на парите, особено кога последиците ги трпат граѓаните. Тие имаат изработено бројни извештаи за последиците од непланското работење, за автопатот Кичево- Охрид, железничката пруга на Коридор 8, клиничката болница во Штип и уште десетина други.
Сите овие проекти имале расходи од 50 милиони евра, од кои 17 милиони се платени казнени пенали за неповлечени кредитни транши. Оттаму, Ацевски го поставува прашањето, дали нашата држава е доволно богата за да плаќа нешто што не е искористено?
Експертите препорачуваат фокусот да биде на начинот на кој се трошат буџетските пари и да се настојува товарот за зголемените трошоци да не паѓа секогаш на граѓаните, туку и да се намалат привилегиите кои за себе си ги обезбедуваат функционерите.