Општинските каси на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и на Липково најмногу се полнат од даноци и од трансфери, а се празнат поради исплата на плати, придонеси и надоместоци, покажала анализата на порталот Порталб.мк.

Така, Општина Струга, во првото полугодие, од данокот на имот наплатила 568.400 евра, што претставува 35,6% од планираните приходи за целата година по овој основ. Најголема приходна страна се трансферите, кои во првите шест месеци изнесувале 6.354.500 евра. Позначителен износ од 1,5 милиони евра е слеан во општинскиот буџет преку ставката „даноци на специфични услуги“. На расходната страна за плати, придонеси и надоместоци се исплатиле 5,9 милиони евра, што претставува и најголема трошковна ставка.

– По основ на „други градежни објекти“, исплатени се 785 илјади евра, а во првите шест месеци оваа општина потрошила 52 илјади евра за купување возила. По основ на привремени вработувања, се потрошиле 30 илјади евра. На приходната страна, реализацијата изнесува 44,8 %, а на расходната страна – 44,3 % – се вели во анализата.

Една од поголемите, Општина Тетово, во првото економско полугодие од данок на имот наплатила 1.012.000 евра, што претставува 49 % во однос на планот и една од повисоките стапки во однос на состојбата со наплатата кај останатите анализирани општини. Преку трансфери, на сметката на општинскиот буџет се слеале 10,8 милиони евра. На приходната страна, од продажба на земјиште биле наплатени 127.400 евра, а од такси и надоместоци – 248,1 илјада евра.

– На расходната страна од буџетот за исплата на плати, придонеси и надоместоци, за шест месеци се исплатиле 9,8 милиони евра, што претставува и највисока трошковна страна на општинскиот буџет. Преку договорни услуги, исплатени се 1,13 милиони евра, а за привремени вработувања – 406 илјади евра. За шест месеци, реализацијата на приходите е со 46 %, а на расходите со 43,2 % – стои во анализата.

Скопската Општина Чаир од данок на имот наплатила 675 илјади евра, што претставува 55,9 % во однос на годишниот план, што ја вбројува во групата локални самоуправи со повисока стапка на реализација за период од половина година. Преку трансфери, на сметката на оваа општина се исплатени 5,2 милиони, додека од такси и од надоместоци се наплатени скоро 162 илјади евра.

На расходната буџетска страна за плати, придонеси и надоместоци се потрошени 4,6 милиони евра. За „други градежни објекти“ се исплатени скоро 570 илјади евра, а за договорни услуги – речиси половина милион евра. За шест месеци, за купување опрема и материјали се потрошени скоро 44 илјади евра. Буџетските приходи се реализирани со 42,8 % а буџетските расходи со 41,9 %.

Општина Сарај е на прво место во однос на анализираните општини според процентот на остварување приходи по основ на данок на имот, за пет месеци се наплатени 68,4 % или 164,4 илјади евра. Преку трансфери, оваа општина добила 3 милиони евра, а една од повисоките приходни ставки е „даноци на специфични услуги“, во износ од 406 илјади евра.

За плати, придонеси и за надоместоци, за половина година се потрошени скоро 2,6 милиони евра, преку ставката „други градежни објекти“ биле исплатени 374,5 илјади евра, а за по основ „субвенции за јавни претпријатија“ – 260 илјади евра. Преку буџетската ставка „договорни услуги“, за половина година се исплатени 102,5 илјади евра. На приходната страна, буџетската реализација изнесува 35,6%, а на расходната 34,3%.

Општина Липково од Кумановскиот Регион од наплата на данок на имот обезбедила приход во износ од 111,3 илјади евра, што претставува 55,5 % во однос на планот и ја вбројува во групата на оние со реализација повисока од 50 %. Приходите по основ на трансфери во првата половина од годината изнесувале 2,76 милиони евра. За плати, придонеси и за надоместоци се потрошени скоро 172 илјади евра.

По основ на „други градежни објекти“ се исплатени 295 илјади евра, а за договорни услуги скоро 90 илјади евра. Оваа општина е со едно од пониските нивоа на реализација на вкупните приходи, за шест месеци 30,4 %, а расходната буџетска реализација изнесува 29,4 %.