Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – АФПЗРР го распиша јавниот повик за мерката 121.1 поддршка за набавка на педигриран добиток.

Поддршката од оваа мерка, појаснуваат од МЗШВ, се однесува за набавка на високостелни педигрирани јуници за млеко, месо и комбинирани млеко-месо и месо-млеко, со исклучок на расата Буша, потоа набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци и набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла кози.

Како корисници на оваа мерка се јавуваат земјоделските стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.

– Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 10 милиони денари, што претставува поврат на направената инвестиција од 50 – 75 проценти. Рокот за аплицирање е до 16 ноември 2023 година, а аплицирањето за оваа мерка се врши по електронски пат, односно сите заинтересирани ќе треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за инвестицијата и да ги прикачат сите потребни документи преку порталот e-baranje.ipardpa.gov.mk., соопштија од МЗШВ.

Од Министерството напоменуваат дека барателите кои имаат важечки договор од претходните години за набавка на добиток, однсно истите не ја реализирале планираната инвестиција, немаат право да аплицираат на овој јавен повик.