Шпаркасе банка АД Скопје во својство на овластен директен учесник на аукциите на граѓански обврзници организирани од Министерството за финансии на Македонија ги застапува физичките лица (државјани на Македонија) во процесот на издавање на граѓанските обврзници.

Македонија на 18 октомври објави проспект за издавање  граѓански обврзници во износ од 600.000.000,00 денари, кои физички лица – државјани на Македонија – можат да учествуваат на аукцијата преку Шпаркасе банка АД Скопје. Датумот за прием на понуди од физички лица е од 18 октомври до 6 ноември.

Граѓанската обврзница е финансиски инструмент со рочност од две години, има купонска каматна стапка од 5 %, која се исплаќа секоја година на вложениот износ, а по истекот на рокот се враќа и вложената главнина.

Во сите експозитури на Шпаркасе банка АД Скопје граѓаните може да дадат налог за учество на аукцијата. Доколку физичко лице сака да учествува на аукцијата, потребно е да биде регистрирано како клиент на Шпаркасе банка АД Скопје. Минималниот износ на едно барање изнесува 10.000 денари, а секое зголемување над минималниот износ се врши со додавање заокружени износи од 10.000 денари. За да учествуваат на аукција за граѓанската обврзница, граѓаните треба да потпишат барање и договор, што ќе го добијат на шалтерите на Шпаркасе банка, и да го уплатат предвидениот паричен износ преку својата платежна сметка.

Шпаркасе банка АД Скопје наплатува провизија во висина од 0,12% од номиналниот износ на граѓанската обврзница за сите рочности, но не помалку од 300 денари.

По објавувањето на резултатите од одржаната аукција, Шпаркасе банка ќе ги извести учесниците на аукцијата за постигнатите резултати по електронски пат.