„Отворен Балкан продолжува да функционира. Тоа не е завршена приказна и дава одлични резултати“, вели Марјан Забрчанец, координатор во Владата за Отворен Балкан за констатцијата на порталот „Само прашај“, онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии, којшто се повикува на изјава на албанскиот премиер Еди Рама дека Отворен Балкан ја исполнил својата мисија.

„Изјавата (на Рама) која што ја споменувате никогаш не ја видовме изворно. Овде беше прераскажана во некои од медиумите, меѓутоа неколку дена по таа изјава премиерот Рама беше во посета на Скопје. Имаа заедничка прес-конференција со нашиот премиер Ковачевски и заеднички изјавија дека Отворен Балкан продолжува да функционира, дека не е завршена приказна и дека дава одлични резултати“, истакнува Марјан Забрчанец за порталот „Само прашај“.

Во однос на тековните иницијативи и договорени соработки во рамките на Отворен Балкан, Забрчанец вели дека за договорот за идентификациски број за работниците од регионот, со кој ќе им се овозможи слободно движење и вработување на пазарот на трудот во регионот, „се чека само едно притискање на копче за да се активира како мерка“.

„Во Србија системот е веќе тестиран и сѐ е подготвено, изгледа само чекаме ‘официјален амин’“, изјавил соговорник од Стопанската комора на Србија за „Само прашај“.

Саемот на вино „Wine vision by Open Balkan“ кој по минатогодишниот успех во Белград стана заштитен знак на Отворен Балкан, веќе е закажан и за годинава од 16 до 19 ноември. Од Србија порачуваат дека подготовките за второто издание на настанот се во тек, иако безбедносната ситуација во регионот може да ги загрози тие планови.

Минатогодишното издание на „Wine vision by OB” успеа да собере и голем број изложувачи како и највисоките функционери на земјите од Западен Балкан и од поширокиот регион.

Што се однесува до останатите бенефити од иницијативата, Забрчанец објаснува:

„Зелени ленти на границите на Ќафасан и на Табановце за транспортните возила. Станува збор за брз проток на транспортни возила на границите. Има посебна лента за камионите на Отворен Балкан. Патарините ги усогласивме, со популарниот mTAG кој што го има во земјите од Отворен Балкан. Северна Македонија и Србија се поврзаа, а ќе следи понатаму и поврзување на Албанија бидејќи таму се уште нема доволен број патарини со mtAG . Toa е една придобивка за побрз проток на граѓаните, да нема застанување на патарините, рампите автоматски да се креваат. Имавме одлични заеднички иницијативи, и се уште течат соработките на тема туризам, таканаречените кружни тури од кои што, особено македонскиот туризам имаше бенефит. Ние имаме вртоглав раст во развојот на туризмот. И во областа на културата веќе има конкретни соработки меѓу уметници од Северна Македонија, Србија и од Албанија“.