Бугарската такса што ќе се наплаќа од денеска, освен парното, ќе ја зголеми цената и на струјата и до 20 %, најавува премиерот Димитар Ковачевски. 

Дециден – Македонија нема да се откаже од барањата за ослободување на капацитетите за гас, а не ја исклучува ниту можноста правдата да се бара и пред меѓународните судови. Заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, вели реагирале пред Европската комисија, од каде пак Бугарија вчера доби зелено светло за наплата на таската за транзит на русиот природен гас.

„Нема да се откажеме да бараме ослободување на капацитетите и нема да се откажеме да бараме таа такса да не важи , затоа што се работи за неправедно наметната такса која што нема ништо со пазарни принципи и која што нема ништо заедничко со директивите на ЕУ. И ако треба тоа ќе го направиме и пред меѓународни судови.“ -изјави Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Едниствената цевка од каде се внесува гасот во земјава е под закуп на руски Газпром до 2030 година. Барањата од македонска страна се Бугарија да го ослободи гасоводот од овој закуп за да може во земјава да се внесе енергенсот и преку други извори, со што би се избегнала давачката.

„Ние лани успеавме да ослободиме околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е 400 милиони затоа ние бараме да се ослободат количините да можеме да се снабдуваме од други извори, како што се снабдуваме за овие 180 милиони со азербејџански гас и со гас кој доаѓа од САД. “изјави Крешник Бектеши – министер за економија.

Бугарија на 13 октомври воведе такса за транзит на рускиот гас низ нејзина територија во висина од 10 евра за мегават час, од која очекува годишен приход од речиси 1,2 милијарди евра. Софија очекува првите приходи од новата такса да се најдат на нејзината сметка на 14 ноември, а како ќе ги користи приходите од таксите Бугарија сама ќе решава.