Остри критики денеска упати првиот вицепремиер Артан Груби за 10 годишното одложување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, за кој, како што вели, и по 10 години ниту еден метар не е пуштен во употреба. Според Груби, изведувачите, оние кои градат но и надзорот треба да сносат одговорност за неуспехот на овој проект барајќи доколку е потребно, да прекинат работите на терен.

И премиерот Димитар Ковачевски смета дека е неприфатливо автопат од 40км да не може да се изведе за повеќе од 10 години. Рече дека ќе побара ревизија на проектот и врз основа на тоа да се донесе одлука.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево започна во 2013. Првично се сметаше дека ќе заврши во 2018, потоа рокот се одложи до 2021 а сега сме на крај на 2023. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата двојно се зголеми, на околу 600 милиони евра.
Автопатот Кичево-Охрид е дел од коридорот 8 кој го опфаќа делот Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан.