Невработеноста во еврозоната во септември благо порасна на 6,5 отсто од августските 6,4 отсто, додека стапката на невработеност во ЕУ е шест отсто – непроменета во однос на август, објави Евростат. Според веб-страницата на организацијата, во септември во ЕУ биле невработени 13,026 милиони луѓе, вклучувајќи 11,017 милиони луѓе во еврозоната. Месечната невработеност се зголемила за 95.000 во ЕУ, односно за 69.000 во еврозоната.

Стапката на невработеност кај младите до 25 години во ЕУ е 14,2 отсто, а во еврозоната 14 отсто. Во септември 2,741 милиони млади луѓе биле невработени во ЕУ, од кои 2,232 милиони во еврозоната. Во септември висока невработеност е забележана во Шпанија – 12 отсто и Грција – 10 отсто, а ниска во Чешка – 2,7 отсто, Полска и Малта – по 2,8 отсто, пренесува Танјуг.