Долговите во земјите-членки на ЕУ се превисоки, а министрите за финансии се уште немаат рецепт за нивно намалување. Колку се големи ризиците и што може да се направи? Дали ЕУ повторно ќе влезе во должничка криза? Според статистичката агенција Еуростат, долгот на земјите во еврозоната изнесувал 91,4 отсто од економското производство во 2022. Во споредба со 2021 година, ова е намалување на долгот за четири процентни поени.

И тоа е многу, но според анализата на Европската централна банка (ЕЦБ), тоа може да се припише на еднократен ефект поради економското закрепнување по пандемијата на корона, пишува Дојче веле, пренесува Каматица. Во својата најнова прогноза, ЕЦБ очекува ниво на долг од 89 отсто оваа година. Следната година најверојатно ќе се намали благо на 88,6 отсто. Севкупно, нивото на долгот е далеку над максималната граница од 60 отсто од бруто домашниот производ (БДП) утврдена во таканаречениот Пакт за стабилност и раст на ЕУ. Пактот е особено важен за земјите од еврозоната, односно 20-те членки на ЕУ кои го имаат еврото како заедничка валута. Впрочем, тоа треба да ја гарантира стабилноста на валутата.

Високо задолжените земји следната година ќе мора повторно да станат сериозни и да започнат со намалување на долгот, препорачува Европскиот фискален комитет, независно советодавно тело на Европската комисија.