Меѓународните кредитори, вклучувајќи ги и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Светската банка, поддржаа план вреден четири милијарди евра кој треба да ѝ помогне на Македонија да се одвикне од производството на струја со јаглен. Договорот, кој ќе биде објавен на климатскиот самит КОП28 во Дубаи, што почнува на 30 ноември, ќе претстави план за затворање на двете електрани на јаглен во Македонија и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија, јави Ројтерс.

„Јагленот претставува 40% од изворот на енергија во Македонија, што е многу. Ова е еден пример за тоа што би сакале да го прикажеме на КОП, да го претставиме овој пристап и што може да даде, како и посветеноста на земјата“, изјави претседателката на ЕБРД, Одил Рено-Басо.

Планот „Инвестициска програма за енергетска транзиција“ следи слични напори за затворање електрани на јаглен во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка од кредитори, влади и приватни инвеститори.

Обединетите нации во 2018 го прогласија Скопје за најзагадениот главен град во Европа, додека земјата со години работеше на намалувањето на зависноста од јаглен како извор на енергија. Сепак, во 2021 повторно почна да работи електраната на јаглен РЕК „Осломеј“ за да се намали увозот на струја.

Портпаролот на Климатскиот инвестициски фонд (ИЦФ) на Светската банка потврди дека Македонија би можела да добие концесии од 85 милиони долари од него, но инвестицискиот план, вклучувајќи ја конкретната сума на пари, ќе треба да го одобри управното тело на ИЦФ во почетокот на следната година.