zoran_sapunic

Компаниите во Македонија, посебно микро, малите и средните фирми, многу малку или воопшто не користат факторинг. На ниско ниво се и свеста, како и информираноста за овој алтернативен начин на финансирање.

На конференција во Стопанската комора беше речено дека со факторингот фирмата може навреме да ги наплати фактурите без вообичаено да чека 60 до 120 дена, може да обезбеди капитал за до го води бизнисот, да ги исплати добавувачите и вработените, како и да го поттикне својот раст и развој.

За разлика од банкарските кредити, факторингот не бара дополнително обезбедување.

Министерот без ресор Зоран Шапуриќ, присуствуваше на конференцијата и истакна дека поддршката на малите и средните фирми која е една од клучните владини определби, мора да се спроведува на долг рок. Во таа насока, една од мерките е настојувањето да се зголемат средствата во МБПР и значително да се намалат каматите.

– Факторингот помага во подобрување на готовинскиот тек на компаниите, обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го подржува нивниот раст и развој. Во основа, факторингот е преземање на недоспеани побарувања, изјави Јове Ристески од проектот на УСАИД што им беше презентиран на компаниите.

zoran_publika

Според него, одложеното плаќање е голем проблем за нашите мали и средни претпријатија, а факторингот може да го скрати рокот, па наместо да чекаат трговецот да им ги даде парите за 90 дена, фирмите ќе ги добијат веднаш и ќе ги искористат во некој друг, поприоритетен правец.

Факторингот кај нас засега го користат банките и само некои фирми што слушнале и што знаат дека е тоа опција да си помогнат во даден момент, а го нудат и осигурителните друштва, како и Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) како придружен производ на осигурувањето за извоз.

Во Европска унија обемот на факторинг изнесува повеќе од 10 отсто на БДП, а во Словенија чиј пазар е поразвиен од останатите во регионот, достигнува три проценти од БДП или 1,2 милијарди евра.
Извор: МИА