Повторно се актуелни гласините за преструктуирање во банкарскиот сектор во регионот, со оглед на тоа дека дел од бугарските и српските медиуми пишуваат дека Сосиете Женерал се повлекува од пазарите во централна и источна Европа.
Бугарскиот портал Capital.bg ја објави веста за повлекувањето, наведувајќи дека од СоЖе не се задоволни со својата позиција на овие пазари, особено бидејќи банката не го заземала лидерското место во регионот.
Потенцијалниот купувач на СоЖе, согласно шпекулациите е унгарската ОТП Групација, од каде одбиле да коментираат за овој договор – наведува Capital.bg.
Овие шпекулации беа актуелни пред една година, но тогаш официјално беше соопштено дека продажбата на СоЖе нема да се случи.
Сепак, медиумите во Бугарија повторно ја актуелизираа оваа тема, а согласно нивните информации, освен ОТП Група, друг потенцијален купувач е американскиот фонд Аполо Глобал Менаџмент, од каде исто така ниту ги потврдија ниту ги негираа гласините.
Покрај СоЖе во Бугарија, предмет на продажба се и подружниците во останатите 5 (пет) земји во регионот – Србија, Албанија, Македонија, Црна Гора и Молдавија.
Минатата година ОТП Група веќе изврши купување на една членка на СоЖе во регионот – хрватската Сплитска банка.
Согласно пишувањата на Bankar.rs, овие пазари во моментов се презаситени и непривлечни, а токму тоа е причината поради која СоЖе се повлекува, особено фактот што банката во најголем дел од овие земји не влегува ниту во топ 3 банки во банкарските пазари на тие земји.