Според новата Предлог-Одлука се бара исплата на бруто дивиденда во износ од 154.700.057 денари од кои 84.700.057 денари за остварената добивка од 2017 година и 70.000.000 денари од акумулираната добивка од минатите години. Се предлага висината на дивидендата да изнесува 380,08 денари бруто по акција. Последен ден за тргување со право на дивиденда да биде 07.05.2018 година.
НЛБ Нов пензиски фонд е еден од најголемите акционери во Македонијатурист АД Скопје каде поседува речиси 10% од компанијата или 41.863 обични акции со право на глас.
Во образложението на фондот се вели дека компанијата располага со висок износ на парични средства и висок износ на акумулирана добивка и резерви. Заклучно со 31.12.2017 акумулираната добивка и резервите на Македонијатурист АД Скопје изнесуваат 30,7 милиони евра, и се неколку пати повисоки од самиот акционерски капитал. Депозитите на компанијата се во висина од 1.285 милиони денари или 20.8 милиони евра.
“Во услови кога паричните средства на компанијата се на високо ниво, но и во услови кога задолженоста на компанијата е на многу ниско ниво, ние како акционер сметаме дека капиталната структура на Македонијатурист АД Скопје не е на соодветно ниво. Во услови на ниски камати со кои се оплодуваат паричните средства во споредба со високиот потенцијален принос од ниското вреднување на акциите на Македонската берза, сметаме дека вишокот на парични средства треба да се дистрибуира на акционерите во форма на дивиденда и преку откуп на сопствени ации. Стабилната состојба на Македонијатурист дава простор за да се издвои повисока дивиденда без да се загрози работењето на компанијата”, се вели во образложението.
НЛБ Нов пензиски фонд ги повикува и останатите акционери на Македонијатурист АД Скопје, на редовното годишно собрание да го поддржат нивниот предлог за исплата на бруто дивиденда од 380,08 денари.