Народната банка на Република Македонија, следната недела, ќе ја организира Седматa годишна истражувачка конференција, насловена како: „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“, којашто ќе се одржи на 12 и 13 април, во Охрид.

Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување  на монетарното осамостојување на Република Македонија. Првиот конференциски ден е посветен на презентација на истражувачки материјали од централните банки и академските институции, а вториот ден е посветен на панел-дискусии за политиките на претставниците на високо ниво.

 

 

На првиот ден на Конференцијата ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија, Австрија, Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат претставниците на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од НБРМ. Во рамки на првиот работен ден ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот. Воедно, во текот на првиот ден ќе биде доделена и Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството.

Вториот ден ќе започне со воведно предавање на гувернерот на Централната банка на Белгија, на основната тема на Конференцијата. Излагачи на првата панел-дискусија, предвидена за вториот ден на Конференцијата, се гувернерите на централните банки од Македонија, Белгија, Хрватска, Албанија и Косово. Темата на панел-дискусијата на гувернерите е новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика. Во втората панел-дискусија ќе учествуваат: регионалниот резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа, директорот на Здружениот институт од Виена, заменик-директорот на Секторот за економија и политики на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и вицегувернерот од Банката на Словенија. Темата на втората панел-дискусија ќе бидат капиталните текови – изгледите и ризиците на регионот.

Покрај наведените учесници, учество на Конференцијата ќе земат и претставници на повеќе централни банки од регионот, ЕУ и пошироко, како и од истакнати светски универзитети и меѓународни организации. Банките од Република Македонија и другите финансиски институции, како и државните институции, исто така ќе бидат присутни со свои претставници.

Оваа конференција претставува можност за размена на искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции.