Од денеска тече рокот за поднесување на барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година. Рокот за пријавување трае до 16 мај, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Висината на поддршката изнесува четири денари по литар за овчо и козјо млеко и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство.
Исто така, на 16 мај завршува рокот за поднесување барања за директни плаќања за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од октомври до декември 2017 година.
Висината на поддршката изнесува 100 денари за купена и внесена несилка во одгледувалиште на кокошки несилки за производство на јајца. Барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или пошта.
Образецот за поднесување на барањата како и потребната документација може да се подигне во Агенцијата или да се превземе од веб страницата: www.ipardpa.gov.mk, во полето „Директни плаќања 2018“, „Обрасци“.