Вработени во Скопски пазар, кои деновиве неколкупати излегоа во јавност за да укажат на тешката состојба во компанијата, биле повикувани на состаноци со раководството, на кои им бил вршен притисок да престанат да зборуваат јавно за неисплатените плати и придонеси. Дел од нив добиле и закани дека ќе бидат отпуштени доколку продолжат да излегуваат во јавност со своите поплаки.
„Раководството на фирмата повика некои вработени и прво ги прашувале кој им дојавува информации на новинарите за состојбата со платите и придонесите. Потоа имало и закани дека целата работа може да дојде до отказ. Но, овој пат ние ќе се обидеме да останеме единствени и ако некого избркаат за тоа што јавно реагираме за неисплатени плати и придонеси ќе ги блокираме пазарите“, разочарано пренесува еден вработен.
Работниците од Скопски пазар првпат реагираа на неисплатените примања пред десетина дена, кога раководството на состанок им вети дека плати за изминатите месеци ќе има. Директорите само половично го исполнија ова ветување – вработените сè уште добиваат само дел по дел од платата за јануари.
„Прво ни исплатија 45 отсто од јануарската плата, потоа 15 отсто, па уште еднаш 15 отсто и вие знаете колку е тоа понижувачки. Одам секој втор ден да извадам од банка по 2 800 денари. А колегите кои имаат кредити не можат ни толку да земат оти им се стопираат во банката. Не е ли срам да бидеш на ниво на задачата, а раководството да те подлажува со по 2 – 3 000 денари?“, прашува друг вработен кој не знае како да врзе крај со крај во последните неколку месеци.
Првичниот рок до кој вработените си ги бараа заработените плати истече на 1 април. Тие не веруваат дека компанијата може целосно да си ги исполни обврските кон нив во скоро време.
„Ние дадовме рок до 15 април да бидат исплатени сите плати, но со вакво темпо тешко дека ќе дојде до тоа. Дополнително, освен платите немаме придонеси за здравство, и тоа треба што поитно да ни се плати. Ако ни се платат придонесите за февруари ќе успееме да имаме осигурување за тековниот месец април, но се потешко веруваме во тоа. Пред неколку денови еден колега требаше да ја носи сопругата на снимање и му побарале 400 евра за приватна интервенција, и како да плати?“, исплашен и за своето здравје раскажува овој повозрасен работник во СП.
Скопски пазар, некогаш компанија-гигант со десетици маркети низ Скопје, во изминативе месеци целосно ја загуби борбата со конкуренцијата. Компанијата мораше да го напушти трговскиот бизнис поради милионски долгови кон добавувачи и банки, а раководството продаде или издаде десетици атрактивни недвижнини на компанијата.