Единаесет инвестициски проекти се избрани на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании. Петчлена комисија составена од повеќе независни експерти и организации, како и претставници на Меѓународната финансиска корпорација, ИФЦ ги оценуваше доставените инвестициски проекти. Главни критериуми за евалуација беа пазарниот потенцијал, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот и влијание.
На повикот се избрани инвестициски проекти на компаниите: Метална индустрија Братство, Руен инокс Автомобиле, Кентаур Импекс, Алкалоид АД, Савело Драгољуб ДООЕЛ, Детал Велд Инжинеринг, Ивона-П, Техком, Бисера комерц и ТГТ Градба промет. Избраните се средни и големи компании од Кавадарци, Охрид, Скопје, Струмица, Кочани и Битола. Компаниите се доминантно извозни со остварен приход од над 200 милиони евра во последната година. 65% од остварените приходи овие компании ги реализираат од извоз во ЕУ, САД, Азија, Блискиот Исток, Канада, Африка и Западен Балкан. Овие компании вработуваат повеќе од 2500 македонски граѓани.
Инвестициските проекти на избраните компании се од областа на металопреработувачката индустрија, автомобилска, фармацевтска, машинска, дрвна, градежништво, преработувачка и креативни индустрии. Според доставените проектни планови меѓу главните цели на компаниите им е унапредување на извозот, освојување на нови пазари, да станат дел од синџирот на снабдување кај странските компании во земјава, како и стручна експертска поддршка со цел намалување на производните трошоци која ќе овозможи зголемување на конкурентноста на надворешните пазари.
На овој повик беа доставени дваесет инвестициски проекти. Ова е само прва фаза од Програмата за развој на добавувачи. Македонските компании чии инвестициски проекти се избрани во оваа фаза ќе добијат техничка помош со цел да ги зајакнат извозните капацитети, да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава, но исто така ќе добијат и техничка помош за финализација на инвестициските планови. По успешно завршување на техничката поддршка компаниите ќе имаат можност да обезбедат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамките на програмите на ТИРЗ и Владата.
Jавниот повик за Развој на добавувачи наменет за домашни средни и големи компании го спроведува ТИРЗ во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања, СЕКО.