Во Грција годинава освен поскапо сместување зголемени се и цените на такса за апартманско сместување, патарините, лежалките, храната… Туристичката такса за најевтините ноќевања во апартмани, наместо досегашните 0,5 евра за ноќ, годинава ќе изнесува 1,5 евро. Таксата за хотелите, исто така, е зголемена и се движи од 3 до 10 евра во зависност од категоријата на хотелот, односно три евра за хотели со две и три ѕвездички и 10 евра за хотели со пет ѕвездички.
– Цените на аранжманите се зголемени од 20 до 40 отсто во зависност од местото и времето на летување. Освен цените на сметување зголемена е и туристичката такса од 0,50 центи на ден на 1,5 евра за приватното сместување и од 3 до 10 евра за хотелите во зависност од категоријата на хотелот, највисока е за хотели со пет ѕвездички и изнесува 10 евра, велат за весникот ВЕЧЕР од туристичките агенции.
На „Грција инфо“ неодамна беше објавено и колкав ќе биде новиот данок на туристите во Грција. Така, за соби во апартмани наместо 0,5 евра по лице дневно, таксата ќе се зголеми на 1,5 евра. Тоа значи дека четиричлено семејство ќе треба да плати 60 евра за 10-дневен одмор во Грција, наместо досегашните 20 евра, само за туристичка такса за престој под кирија.
Туристичката такса за сместување во хотели со три ѕвезди ќе се зголеми на три евра на ден по лице, што едно четиричлено семејство ќе го чини 120 евра за 10 дена одмор. Во хотелите со четири ѕвезди данокот ќе биде седум евра по лице дневно, па семејството што ќе одлучи да остане таму за време на одморот ќе треба да издвои 280 евра само за данокот.
Туристичката такса за сместување во хотели со пет ѕвезди ќе се зголеми од 4 на 10 евра дневно по лице, што значи дека четиричлено семејство ќе треба да издвои дури 400 евра, наместо досегашните 160 евра, за 10 дена на одмор.
Во Грција поскапена е и храната во маркетите и рестораните, цените на лежалките на чадори, гирото, кафето, пивото…
– Летово поскапо ќе биде и изнајмувањето на лежалки и чадор поради иницијативата да нема веќе плажи во Грција каде што е забрането да ставите чадор и пешкир. Имено, на повеќето плажи во Грција од годинава половина од плажата мора да биде достапна за секого, а другата половина да биде со лежалки – велат од агенциите.
Во пресметката на трошоците за одмор, доколку летувате во Грција, треба да го вклучите и поскапувањето на патарините. Од 1 април стапи на сила одлуката за зголемување на патната такса на наплатните пунктови на автопатот Егнатија во северна Грција.
Нови цени во просек се повисоки за 30 до 35 отсто од Игуменица на запад до границата со Турција кај Кипи на исток.
Патарината што е веднаш по границата при влезот во Грција од Македонија поскапува од 1,80 на 2,40 евра, патарината кај Аспровалта од 0,90 се зголемува на 1,20 евра, кај Кавала од 1,40 на 1,85 евра.
Единствено намалување на цените има на патарината кај Солун на пат кон Атина (од 1,20 на од 0,90) и на онаа кон Промахонас на границата со Бугарија (од 2 евра на 1,90).
Од агенциите велат дека до крај на април траат попустите за ран букинг кои во зависност од времето и местото на летување се движат од 10 отсто па нагоре. За тоа какви ќе бидат цените на закуп во Грција во сезона зависи од конкуренцијата, односно од пазарите во регионот. Така, на пример, ако Албанија, Црна Гора, Бугарија ги намалат цените, тоа ќе влијае и на цените на закуп на апартманите во Грција.
Инаку, што се однесува до цените од агенциите велат дека не се зголемени само во Грција, туку и во Турција, Египет, Тунис…