Во градовите од внатрешноста на Македонија, особено во Тетово, Гостивар, Струга и Дебар, се забележува зголемен број на „диви менувачи” на валути.
Овие улични оператори нудат услуги на граѓаните за сметка на менувачници, но дали ова е нормална појава или е потенцијален ризик?
Наши соговорник од Тетово, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен, објаснува дека секојдневно, од раните утрински часови па сè до вечерта, овие „диви менувачи” се редат спроти џамијата и чекаат муштерии за да им ги сменат парите.
„Нормална појава е да смените евра или денари на улицата во Тетово. Луѓето се навикнати на ова и често го користат овој вид на услуга”, изјавува нашиот соговорник.
Скопјанец, кој неодамна сменил 20 евра на улица во Тетово, ни го раскажа својето искуство.
„Беше неработен ден, а ми беа потребни денари. Јас имав само евра. Тогаш ме посоветуваа да појдам спроти џамијата и да ги побарам дивите менувачи. Им дадов 20 евра и за возврат добив 1.150 денари. Требаше да добијам нешто над 1.200 денари, ама тоа веројатно е нивниот ќар”, објаснува тој.
Додека некои граѓани го сметаат ова за нормална појава, други се сомневаат во легалноста и безбедноста на овие трансакции.
Според експертите, важно е да се обрне внимание на регулативните аспекти и да се обезбеди заштита на граѓаните од потенцијални ризици.
Од НБРСМ велат дека менувачките работи мора да се вршат на точно определено менувачко место коешто е просторија за вршење на менувачки работи, опремена со соодветни средства за заштита и обезбедување на готовината, имотот и вработените.
Оттаму појаснуваат дека на менувачкото место може да работи само овластено лице кое е пријавено и евидентирано во Регистарот на издадените решенија на Народната банка како лице што ќе ги врши менувачките работи.
„Напоменуваме дека согласно со своите законски надлежности, вршиме надзор над работењето единствено на менувачниците на кои им се издадени дозволи за работа. Народната банка нема надлежност да врши контрола над субјектите на кои не им издала дозвола за работа, односно субјекти кои без нејзино овластување вршат менувачки работи. Законска надлежност за надзор над работењето на овие субјекти има Министерството за финансии – Државен девизен инспекторат“, коментираат од НБРСМ.
Во секој случај, ваквите „диви менувачи” остануваат дел од уличниот пејзаж во македонските градови.