Со 7,4 милиони денари годинава ќе се поддржуваат проекти и ќе се инвестира во подобрувањето на квалитетот на животот во руралните средини. Средствата се наменети за селски патишта, мостови, водоснабдување, добиточни пазари, за младински и за културни центри. Неповратната финансиска помош локалните власти можат да ја добијат преку програмата за рурален развој …
На руралните општини, на единиците на локалната самоуправа каде што се наоѓа селската средина и на Центрите за развој на планските региони годинава им стојат на располагање 7,4 милиони денари од програмата за рурален развој.
Неповратната финансиска помош е наменета за подобрување на квалитетот на животот во овие подрачја.
Конкретно средствата ќе може да се користат за изградба на пат за поврзување на две или повеќе села во должина до 5 километри, или патишта до 7 километри за поврзување на села со регионалната инфраструктура или со град.
Пари ќе има и за изградба на телекомуникациска мрежа во села со најмногу до 500 жители, а до 1.500 за инвестиции во системи за водоснабдување и канализација како и за откупни пунктови за земјоделските производи.
Руралните општини со овие субвенции ќе можат да градат добиточни и зелени пазари, детски, младински и пензионерски културни центри.
Неповратната финансиска поддршка по барање на корисникот може да се добие во вид на авансна исплата од 20 проценти од вредноста на одобрените трошоци, или на две рати, а може и согласно фазите на реализација.