Брзите кредити под засилена контрола
Повеќе нема издавање брз кредит без физичко присуство на клиентот што го бара кредитот.
Оваа измена во работењето на финансиските друштва доаѓа откако Министерството за финансии го донесе Правилникот за утврдување кредитен ризик, со што се врши системска контрола на финансиските друштва кои нудат брзи кредити. Тоа подразбира идентификување, мерење, контрола и следење на кредитниот ризик, што вклучува и процедури за процена на кредитната способност, за идентификација и ажурирање на податоците на клиентите. Со ова, според Министерството, се воспоставува системска контрола во работењето на овој вид друштва.
-Со примена на Правилникот се оневозможува финансиското друштво да одобри кредит на барател кој не е кредитоспособен, односно финансиското друштво пред склучување на договорот за кредит треба да ја процени кредитната способност на барателот на кредит врз основа на информации од страна на барателот и релевантна надворешна база на податоци. Доколку од проценката на кредитната способност финансиското друштво утврди дека вкупните месечни обврски на барателот на кредит надминуваат 70 проценти од неговите вкупни месечни приходи, финансиското друштво нема да може да одобри нов кредит. На овој начин ќе се спречи презадолженоста на граѓаните“, соопштија од Министерството за финансии.
Можноста која овие друштва ја нудеа, одобрување кредит преку он лајн апликација, многумина ја злоупотребиле, за што честопати претставки стигнлувале и до Народниот правобранител, Насер Зибери. Тој во изјава за Канал 5 вели дека иако институцијата Народен правобранител нема надлежност, биле упатувани апели да се измени Законот за финансиски друштва, за да се воведе ред и дисциплина.
Народниот правобранител исто така побарал и зголемување на надзорот врз овие друштва од Народната банка а од МВР е побарано да се отворат истраги.