Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на 04.10.2022 год. го објави новиот јавен повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Износот на кофинансираниот грант за поединечен проект изнесува до 320.000 евра, односно до 70% од вкупниот буџет, а крајниот рок за аплицирање на повикот е до 04.06.2024 год.
Со оглед на тоа што кај овој инструмент на ФИТР е клучна иновативноста, најчесто поставувано прашање од страна на потенцијалните апликанти е што всушност претставува иновација и какви проекти се подобни за финансирање.
Што е иновација?
Иновација претставува воведување на нов или значително подобрен производ, услуга или процес. Со други зборови, не мора да се измисли нешто ново, туку да се развие нешто кое го нема на нашиот пазар.
Што е иновативен производ, услуга или процес?
Производ и услуга – кои ги нема на нашиот пазар или се значително подобрени од она што во моментот се нуди на пазарот.
Процес – иновација во производството на еден продукт, без разлика дали самиот производ е иновативен.
Какви проекти финансира Фондот за иновации?
Согласно критериумите за евалуација на предлог проекти од страна на ФИТР се финансираат иновации чија потреба е јасно дефинирана. Поддржаниот проект треба да резултира со производ, процес или услуга што се подобри од алтернативните решенија на пазарот, а самата иновација да придонесе за значајно подобрување на работењето на компанијата и секторот во кој работи.