Претставници на централните банки на повеќе држави од ЕУ и пошироко, на Европската централна банка, на финансиски и државни институции, како и професори на академски институции од повеќе држави учествуват во работата на Седматa годишна истражувачка конференција што во организација на Народната банка на Република Македонија од денеска се одржува во Охрид.
На собирот насловен „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“ обраќање имаше гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, кој се осврна на актуелните состојби во светската економија, особено од оние аспекти коишто се директно во фокусот на централните банки, но и на македонската економија и на економиите на земјите од регионот на Западен Балкан, во поглед на соочувањето со новиот глобален циклус.
Богов нагласи дека тематската одреденост на Конференцијата упатува на релативно долгиот период од почетокот на глобалната криза и потребата од соочување на централните банки и економистите, особено економистите-истражувачи, со новите предизвици.
– Во овој момент прашањата што треба да си ги поставиме и на кои треба да се осврнеме за време на Конференцијата би биле колку е силно и одржливо глобалното закрепнување, кои се причините за намалената инфлација, каква треба да биде динамиката на нормализацијата на монетарната политика, дали банките се поеластични сега, дали сме подобро подготвени да ги спречиме ризиците… Можеби ова се едноставни прашања, но како и во многу други случаи во реалниот живот и во вистинската економска рамка, немаат едноставни одговори, рече Богов.
Во рамки на првата сесија од првиот работен ден на Конференцијата беше врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, што Народната банка традиционално ја доделува од 2007 година. Годинава лауреатот е младиот истражувач Кирил Симеоновски за трудот „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија„.
На собирот во Охрид ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на повеќе централни банки, како и на експерти на истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат и претставници на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од Народната банка на Република Македонија.
Во рамки на денешниот работен ден ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот.
Со конференцијата во Охрид се одбележува годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија.