Вториот работен ден од Годишната конференција што во организација на Народната банка на РМ се одржува во Охрид ќе почне со воведно предавање на гувернерот на Централната банка на Белгија кој ќе даде личен осврт на основната тема на собирот – „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Во рамки на продолжението на Конференцијата се предвидени и две панел-дискусии. Првата ќе ја водат гувернерите на централните банки од Македонија, Белгија, Хрватска, Албанија и на Косово кои ќе зборуваат за новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика.

 

Втората панел-дискусија е резервирана за излагањата на регионалниот резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа, директорот на Здружениот институт од Виена и вицегувернерот од Банката на Словенија, на тема „Капиталните текови – изгледите и ризиците на регионот“.

Според најавата, напладне се предвидени изјави на гувернерот на НБРМ Димитар Богов, неговите колеги од Белгија и Хрватска, Јан Сметс и Борис Вујичиќ, Петер Санфеј од Европската банка за обнова и развој, Бас Бекер од ММФ, како и Томас Ричардсон од „Заедничкиот Виена институт“.

На собирот во Охрид учествуваат претставници на централните банки на држави од ЕУ и пошироко, на Европската централна банка, на финансиски и државни институции, како и професори на академски институции од повеќе држави. Конференцијата претставува одлична можност за размена на искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции.

Со конференцијата во Охрид се одбележува годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија