Мнозинството Швајцарци, 69 отсто од нив, денеска кажаа „да“ за законот за електрична енергија, кој има за цел да го забрза развојот на обновливите извори на енергија, според првите проценки на излезни анкети по референдумот.
Проценката е малку под предвидувањата на анкетите пред гласањето, во кои 75 отсто од граѓаните се определија за тој закон.
Конечните резултати ќе бидат познати на крајот на денот.
Законот има за цел да гарантира „безбедно снабдување со електрична енергија врз основа на обновливи извори на енергија“, со надеж дека Швајцарија ќе постигне јаглеродна неутралност до 2050 година.
Гласањето доаѓа во посебен контекст, неколку недели откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на почетокот на април ја осуди Швајцарија поради недостиг на иницијативи против глобалното затоплување.
Законот беше усвоен од парламентот минатата година, но мала група еколошки организации иницираа референдум за да се спротивстават, велејќи дека тоа ќе доведе до „непотребно уништување на пејзажот“.
Екологистите стравуваат дека усвојувањето на законот ќе резултира со зголемен развој на соларни, ветерни и хидроцентрали во швајцарските планини и жалат што ја ограничува можноста на населението да поднесува жалби против изградбата на такви инсталации.