Федералниот комитет за отворен пазар (ФОМЦ) нема да ја промени основната каматна стапка ниту по јунскиот дводневен состанок што почнува денеска. Ова е мислењето на огромното мнозинство американски финансиски аналитичари, со оглед на актуелните трендови на инфлација и условите на пазарот на трудот.
Судејќи според сите изјави на претседателот на Федералните резерви (ФЕД) Џером Пауел и другите членови на ФОМЦ, централната банка најпрво сака да добие цврсти гаранции дека годишната стапка на инфлација се движи кон целната вредност од два отсто, што уште не се случило.
Според последните расположливи податоци на Министерството за трговија, базичната инфлација поврзана со приватната потрошувачка во април изнесува 2,8% на годишна основа, што е исто како и во март.
Пауел и неговите колеги од ФОМЦ сакаат да видат дополнителни знаци дека инфлацијата се движи во вистинската насока, но тие исто така се одвратени од намалување на каматните стапки засега поради поволните услови на пазарот на трудот со ниска невработеност и активни вработувања.
И покрај забавувањето во првиот квартал, економскиот раст на САД исто така останува стабилен. Во првиот квартал беше 1,3 отсто на годишно приспособено ниво, но аналитичарите предвидуваат значително забрзување до околу три отсто за вториот квартал.
Сегашната централна каматна стапка на Федералните резерви е меѓу 5,25 и 5,50 отсто од јули минатата година, на што се согласи по серијата претходни зголемувања како дел од напорите на централната банка да ја намали високата инфлација. И по овој состанок на ФОМЦ, кој ќе заврши во среда со прес-конференцијата на Пауел, се очекува така да остане.
Ако извесен период годинава инвеститорите и аналитичарите очекуваа неколку намалувања на каматите, во моментов се чини дека ќе има најмногу две. Тоа значи дека цената на парите ќе остане висока, што, меѓу другото, го отежнува пристапот на луѓето до недвижности и е една од причините зошто Американците чувствуваат дека економијата е во лоша состојба, иако огромното мнозинство емпириските податоци велат поинаку.
ФОМЦ одржува осум состаноци за монетарната политика годишно на кои се донесуваат одлуки за каматните стапки и другите аспекти на монетарната политика. Во исклучителни случаи, може да има повеќе сесии. Во среда ќе заврши четвртиот состанок годинава, а потоа ФОМЦ ќе одржува состаноци во јули, септември, ноември и декември до крајот на годината.