Во годината кога славиме 15 години успешно работење на финансискиот пазар, со задоволство ве известуваме дека КБ Публикум инвест АД Скопје станува КБ ИНВЕСТ АД Скопје.

Промената на името на Друштвото значи нов импулс за уште поголем раст и развој врз основа на веќе цврсто поставени вредности и стандарди во работењето.

КБ ИНВЕСТ добива дополнителен стимул за уште подобри деловни резултати благодарејќи и на засилената позиција на Комерцијална банка во акционерскиот капитал на Друштвото. Банката со зголемување на својот удел во КБ ИНВЕСТ на 78,43%, придонесе не само за јакнење на акционерскиот капитал на Друштвото туку и за додавање вредност на брендот кој веќе е синоним за доверба, одговорност и успешност.

КБ ИНВЕСТ АД Скопје како Друштво за управување со отворени и затворени инвестициски фондови, основано во 2009 година, практично беше основоположник на развојот на нов сегмент на финансискиот пазар во земјава, кој отвори нови можности за инвестирање на граѓаните и на компаниите. Друштвото, кое денес управува со 6 отворени инвестициски фондови со вредност од околу 110 милиони евра, на илјадници инвеститори им нуди нови можности и алтернативи за оплодување на нивниот капитал и за остварување на нивните инвестициски цели. Со инвестициските фондови, кои се со различна инвестициска стратегија и се концепирани на начин да ги задоволат барањата и потребите и на најсофистицираните инвеститори, КБ ИНВЕСТ придонесе и за збогатување и развој на пазарот на капитал во земјава.

Силата на брендот КБ ИНВЕСТ произлегува од деловната политика на Друштвото кое во континуитет ги следи најсовремените трендови во светот на инвестицискиот менаџмент, понудата на финансиски инструменти, можностите за инвестирање и довербата на клиентите со кои секојдневно ги освојуваме пазарите на капитал во земјава и во странство.

Освежениот бренд КБ ИНВЕСТ сега значи и нов поттик и предизвик за уште поголеми постигнувања на задоволство на клиентите, акционерите и на целиот тим на Друштвото.