Цената на лебот се зголемува за 10 проценти. Причина, зголемената цена на пченицата на светските берзи. Новото поскапување ги налути граѓаните, велат и другите прехранбени производи се поскапени…
Новото поскапување на лебот за 10 проценти ги налути граѓаните. Тие се жалат дека сè живо поскапело, а сиот товар, како што велат, паѓа врз и онака истенчениот семеен буџет, особено врз оние семејства кои во големи количини и често го купуваат овој основен прехранбен производ.
Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија велат дека новото поскапување на лебот се должи на зголемените цени на пченицата на светските берзи и поскапото брашно.
„Лебот од сега е поскап за 10 отсто зашто цените на брашното се зголемија за десетина проценти. Останатите пекарски производи остануваат на истото ниво. Очекуваме цената на лебот да се стабилизира со почетокот на жетвата, вели претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ.
Минатиот месец некои од пекарите тврдеа дека лебот нема да поскапи летово, но сепак надворешните влијанија си го направија своето.
Стабилизирање на ситуацијата се очекува со почетокот на жетвата, кога цената на лебот треба да се врати на исто ниво како што беше досега.
Лебот е единствениот продукт кој сега поскапува, па така, наместо за 29 како досега, се продава за 33 денари. Промени кај останатите пекарски производи, барем за сега, нема да има.