Струјата поскапува. Оваа одлука е донесена вчера попладне на затворена владина седница. Владата во заминување одлучила државните електрани произведената електрична енергија да ја продаваат поскапо на универзалниот снабдувач.

Актуелната  цена  засега  изнесува 57 евра за мегават час а според нашите информаци цената на ЕСМ по која ќе ја продава на универзалниот снабдувач ќе биде неколку евра повисока од досегашната. Тоа значи дека понудената намалена маржа кога ја даде претходно ЕВН нема да влијае за да се намали цената за домаќинствата и малите потрошувачи.

За ситуацијата да биде поделикатна, информациите до кои дојде Телевизија 24  велат дека ЕСМ нема да го покрива целокупното количество на електрична енергија, туку на тендерот ќе понуди само 85 отсто од потребите за домаќинствата, останатото количество универзалниот снабдувач ќе мора да го обезбеди од друга компанија.

Претходно, сите очекувања беа дека цената на струјата ќе се намалува бидејќи на светските берзи има тренд на пад на цената на електричната енергија.